17.07.2023 Скопје
Неколку илјади луѓе се евакуирани поради ширењето на шумските пожари предизвикани од топлотниот бран кој во последните денови се шири низ Европа.
Најзагрозен е шпанскиот остров Ла Палма од кој се евакуирани повеќе од 4.000 луѓе, а пожарникарите веќе неколку дена се борат со пожарот. Пожарот во Ла Палма избувна во саботата наутро, при што многу луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови, а повеќе од 300 пожарникари се вклучени во гаснењето на пожарот. Во акцијата се вклучиле и десет Канаѓани, а се уште не се знае како настанал пожарот.
Овој остров, кој припаѓа на групата Канарски Острови, со денови се соочува со рекордно високи температури.
Според официјалните податоци, досега пожарот зафатил 20 куќи и уништил 4.650 хектари шума.
„За време на евакуацијата имаше отпор од населението да ги напушти домовите. Апелирам до луѓето да бидат одговорни“, изјави претседателот на Канарските Острови, Фернандо Клавихо.
Загрозено е и познатото летувалиште Чанакале кое се наоѓа на северозапад од Турција.
Пожарите беснеат и во Кахраманмарас, град кој преживеа голема штета по разорните земјотреси во февруари.
Овие шумски пожари доаѓаат во време кога Европа се подготвува за нов топлотен бран, а се стравува дека на некои места во Италија и Грција температурата ќе достигне 49 степени Целзиусови.
Италијанските власти издадоа итно предупредување во дури 16 градови, а најзагрозена е Сардинија, која оваа недела може да биде најжешката во Европа.
Покрај Италија, со високите температури се борат и Шпанија и Грција, поради што многу култури се загрозени.
Грција го затвори Акропол во петокот во најтоплиот дел од денот за да ги заштити туристите.
Италијанскиот министер за здравство Орацио Сцилачи најави дека не им препорачува на туристите, особено на постарите, да одат во Римскиот Колосеум кога температурата е 43 Целзиусови степени.
Покрај главниот град на Италија, здравствени предупредувања важат и во Фиренца, Палермо и Бари.
Подготвено од А.Ѓ.