19.07.2023 Скопје
Вечерва во Битола започнува второто издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал, со кој официјално започнуваат годинашните 53. по ред „Илинденски денови“.
Центарот за култура во Битола е и организатор на овој прв фестивал од ваков тип кај нас, посветен на широк спектар на етнографски филмски теми и авторски пристапи. Фестивалот ќе трае до 22 јули, а селектор на овој филмски фестивал е Тони Гламчевски, новинар од Франција.
„По минатогодишното прво издание, за оваа година селектираните филмови опфаќаат широк спектар на интереси од културолошка тематика, како и социјална антропологија од повеќе континенти. Мисијата на овој фестивал е да ги охрабрува истражувачките и создавачки пристапи во етнографските филмови, да ја едуцира публиката за богатството и разновидноста на локалните културни традиции, но и да го буди гласот на совеста кај проблемите на современите општества предизвикани од недоволната грижа за културното наследство. Влезот за сите проекции ќе биде слободен“, информираат од Центарот за култура во Битола.
Подготвено од А.Ѓ.