24.07.2023 Скопје
Сопственикот на Твитер, Илон Маск, денеска го претстави новото лого на социјалната платформа, бел знак „Х“ на црна позадина, кој треба да го замени познатиот симбол сина птица.
Кога до платформата се пристапува преку интернет прелистувач, Твитер веќе ја изгуби сината птица, а на нејзино место е нов знак.
Маск и извршната директорка на Твитер, Линда Јакарино, одделно го објавија логото „Х“ на социјалната мрежа, проектирано на зградата на Твитер во Сан Франциско.
На прашањето на еден од корисниците како сега ќе се нарекуваат објавите на Твитер познати како твитови, Маск одговорил: „Иксови“ („x’s“).
— Elon Musk (@elonmusk) July 23, 2023
Официјалната страница на Твитер на оваа платформа е променета во „Х“, но страницата x.com не е активна.
„Наскоро ќе се збогуваме со брендот Твитер и постепено, со сите птици“, објави вчера Маск на таа социјална мрежа.
Во таа прилика тој изјави дека сака да го смени логото на Твитер и ги праша своите милиони следбеници дали би сакале бојата на позадината на страницата да се промени од сина во црна.
„Х е иднината на неограничените интеракции… глобален пазар за идеи, стоки, услуги и можности“, објави вчера Линда Јакарино на Твитер.
Оригиналното лого на Твитер, сина птица, е дизајнирано во 2012 година и сè уште може да се види на оваа платформа.
Подготвено од А.Ѓ.