21.07.2023 Скопје
Податоците на јапонското Министерство за финансии покажуваат дека трговскиот промет меѓу Јапонија и Русија во првата половина од годинава изнесува околу 5,1 милијарди евра, што е за 41,65 отсто помалку во однос на истиот период лани.
Извозот во Русија од Јапонија во периодот јануари-јуни е намален за 17 отсто на годишно ниво, на 1,52 милијарди евра, додека увозот од Русија е намален за 48,2 отсто, на околу 3,57 милијарди евра.
Според податоците на јапонското Министерство за финансии, Јапонија во првата половина од годината го зголемила увозот на жито од Русија за 509,7 отсто во споредба со истиот период лани.
Напротив, увозот на природен гас од Руската Федерација во наведениот период е намален за 21,4 отсто, се наведува на веб-страницата на јапонското Министерство.
Токио, пак, го зголеми извозот на медицински производи во Русија за 815 отсто на годишно ниво. Во јуни, јапонскиот увоз падна за 12,9 отсто на годишно ниво, додека извозот порасна за 1,5 отсто, а оваа земја во јуни забележа трговски суфицит за прв пат по 22 месеци.
Подготвено од А.Ѓ.