29.07.2023 Скопје
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека нема да го прекине учеството во претседателската кампања во 2024 година, дури и ако биде осуден по различни обвиненија против него.
Трамп го рекол ова во емисијата на Џон Фредерикс, еден ден откако федералните обвинители го проширија случајот, покренувајќи нови обвиненија против него и еден од неговите вработени во процесот на неовластено задржување на доверливи документи откако тој ја напушти претседателската функција.
Во проширеното обвинение се наведува дека Трамп и неговиот соработник Карлос де Оливеира се обиделе да ги спречат истражителите да ги прегледаат снимките од безбедносните камери од Мар-а-Лаго, одморалиштето на поранешниот американски претседател.
Вкупниот број точки на обвинението е зголемен за три и сега изнесува 40, бидејќи Трамп повторно е обвинет за незаконско задржување на доверливи информации поврзани со националната одбрана.
Претставниците на претседателската кампања на Трамп рекоа дека обвинувањата против Трамп претставуваат континуиран очајнички обид на американскиот претседател Џо Бајден и Министерството за правда, како што наведоа, да го малтретираат Трамп и луѓето од неговиот круг.
Информациите за проширувањето на обвинението беа објавени неколку часа откако поранешниот американски претседател откри дека неговите правни застапници се сретнале со претставници на Министерството за правда кои ги истражувале наводите за обидите на Трамп да ја поништи својата загуба на претседателските избори во ноември 2020 година.
Подготвено од А.Ѓ.