toplo vreme visoki temperaturi

18.07.2023 Скопје

Во текот на ноќта имаше одредено олеснување низ јужна Европа, но со почетокот на новиот ден, температурите веќе почнаа да растат, најавувајќи уште еден топол ден.

Италијанскиот остров Сардинија денеска се очекува да го достигне врвот на топлина во јужна Европа, а попладнево температурите ќе достигнат и до 46 Целзиусови степени.

Беше предупредено дека екстремните горештини би можеле да траат во следните 10 дена во делови од Италија. Во главниот град Рим температурите би можеле да останат над 40 степени во следните 15 дена.

Во текот на денот и во сенка во централна-северна Италија температурата може да достигне 38-39 Целзиусови степени, додека во Лацио, особено во Рим, ќе достигне од 42 до 43 степени, соопшти метеоролошката служба.

Но, најинтензивните горештини ќе ги погодат Големите Острови и Пуља: во Сардинија се очекуваат максимални 46 степени во јужните внатрешни области, 45-46 степени во Сицилија и 44-45 степени во Пуља.

Жителите ќе мора да се справат и со таканаречените „тропски ноќи“, бидејќи температурите нема да се спуштат под 20 степени. Бројот на градови со црвено предупредување од Министерството за здравство, поради екстремните временски услови кои претставуваат висок степен на ризик за целото население, а кој вчера изнесуваше 17, денеска се зголеми на 20, а во текот на утрешниот ден ќе достигне 23.

Од 27 набљудувани градови, само Милано и Реџо Калабрија ќе бидат портокалови, додека Болзано и Џенова ќе имаат жолто метео предупредување.

Вчера на Сардинија и Силиција се забележани 43 степени, а горештините ќе продолжат и во наредните денови.

Со топлотен бран се соочува и Шпанија, а температурите на југот на земјата во понеделник достигнаа 44 степени Целзиусови.

Пожарникарите се борат и со шумските пожари на шпанскиот остров Ла Палма и во Грција, а има извештаи за прекин на електричната енергија во некои области поради зголемената побарувачка за климатизери.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author