evropa mapa

13.07.2023 Скопје

Топлотен бран зафаќа делови од јужна Европа и северозападна Африка, со потенцијал за соборување на рекордни температури во наредните денови.

Се очекува температурите да надминат 40 степени Целзиусови во делови од Шпанија, Франција, Грција, Хрватска и Турција.

Во Италија температурите би можеле да достигнат речиси 49 степени, а во 10 градови, вклучително и Фиренца и Рим, е на сила црвен метео аларм.

Локалните медиуми објавија дека оваа недела 44-годишен маж, кој бојадисувал пешачки премин во близина на Милано, паднал од жештината, по што бил пренесен во болница каде починал.

Неколку туристи веќе се имаат онесвестено поради високите температури, меѓу кои и еден Британец пред Колосеумот во Рим.

Топлотниот бран „Кербер“, наречен по чудовиштето со три глави пронајдено во пеколот на Данте, ќе донесе екстремни услови во следните неколку дена.

Врвот на температурите се очекува во петок, но горештините ќе продолжат и во текот на викендот.

Се очекува во сабота Прага да достигне 36 степени Целзиусови, што е значително повисоко од јулскиот просек од 24 степени.

Највисоката температура во Европа од 48,8 степени Целзиусови е забележана во близина на Сиракуза на италијанскиот остров Сицилија во август 2021 година.

Минатата година повеќе од 61.000 луѓе умреле како последица на летните топлотни бранови низ Европа, покажа студијата неодамна објавена во списанието „Nature Medicine“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author