06.07.2023 Скопје
Досега се сметаше дека Toјoтa заостанува зад своите конкуренти на пазарот на електрични возила, но компанијата има амбициозен план
Компанијата Тојота објави дека направила голем технолошки пробив, благодарение на кој ќе може да прави батерии за електрични автомобили кои ќе бидат половина од големината и поевтини од порано.
Вториот по големина производител на автомобили во светот веќе го претстави планот за воведување автомобили со напредни цврсти батерии до 2025 година.
Јапонската компанија во вторникот соопшти дека го поедноставила производството на материјали што се користат за производство на такви батерии, што е значаен чекор напред што може драстично да го скрати времето на полнење на батериите и да го зголеми опсегот на возење.
„Со сите наши батерии, нашата цел е драстично да ја промениме нивната тежина, големина и цена“, рече Кеиџи Каита, претседател на Центарот за истражување и развој за јаглеродна неутралност на Тојота.
„Нашата цел е да ги преполовиме тежината, големината и цената на батериите”, додаде Каита.
Кеиџи Каита рече дека компанијата дизајнирала и развила начини да ги направи батериите поиздржливи и верува дека сега може да направи батерија со цврста состојба со домет од 1.200 километри што може да се полни за 10 минути или помалку.
Компанијата очекува да може да произведува цврсти батерии за употреба во електрични возила веќе во 2027 година.
Батериите во цврста состојба би биле голема промена кога станува збор за електричните возила, бидејќи тие го намалуваат времето на полнење, го зголемуваат опсегот на возење и имаат помал ризик од пожар поврзан со литиум-јонските батерии, кои користат течен електролит.
Сепак, цврстите батерии отсекогаш биле многу потешки и поскапи за производство, ограничувајќи ја нивната комерцијална примена.
Тојота сега соопшти дека верува дека може да го рационализира процесот на производство, што би го олеснило производството на батерии во цврста состојба отколку литиум-јонските батерии.
Досега се сметаше дека Tојота заостанува зад конкурентите на пазарот на електрични возила. Во јуни минатата година, компанијата повлече 2.700 од своите први електрични возила поради стравувањата дека тркалата може да паднат.
Минатиот месец, Агенцијата за стандарди за рекламирање ги забрани рекламите на Тојота и Хјундаи поради преувеличување на брзината со која може да се полнат електричните автомобили и ги доведуваат потрошувачите во заблуда за достапноста на станиците за брзо полнење низ Велика Британија и Ирска.
Подготвено од А.Ѓ.