31.07.2023 Скопје
Талибанските власти во Авганистан палат музички инструменти, тврдејќи дека музиката може „да ги заведе младите и да го уништи општеството“.
Оваа екстремистичка група ја забрани музиката кога претходно беше на власт во доцните 1990-ти, а неодамна талибанската верска полиција запали бројни музички инструменти во провинцијата Херат, на запад од Авганистан.
Шеикот Азиз ал Рахман ал-Мухаџир, провинциски шеф на Министерството за промоција на доблест и спречување на пороците, рече дека музиката доведе до „уништување на општеството и погрешно насочување на младите“.
Талибанците забранија нерелигиозна музика последен пат кога владееја со земјата во 1990-тите, а неодамнешните фотографии покажуваат дека талибанските функционери собрани околу оган палат музички инструменти – гитари, хармоника, звучници и друго.
Авганистан има богата музичка традиција под влијание на иранската и индиската класична музика и имаше просперитетна поп-музичка сцена која цветаше во изминатите 20 години, пред талибанците да ја преземат власта во август 2021 година.
Подготвено од А.Ѓ.