shminki

04.07.2023 Скопје

Талибанската администрација во Авганистан нареди затворање на козметичките салони во рок од еден месец, соопшти Министерството за морал.

„Рокот за затворање на салоните за убавина за жени е еден месец“, изјави денеска портпаролот на Министерството за спречување на пороците и промоција на доблестите, Мохамед Садик Акиф, повикувајќи се на известувањето на Министерството.

Странските влади и претставници на ОН ги осудија зголемените ограничувања за жените откако Талибанците се вратија на власт во 2021 година, откако ја поразија владата поддржана од САД.

Минатата година талибанските власти ги затворија повеќето средни училишта за девојки, им забранија на жените да одат на универзитет и ги спречија жените да работат во хуманитарниот сектор во Авганистан. Многу јавни места, вклучувајќи бањи, спортски сали и паркови, се затворени за жени.

Салони за убавина се појавија во Кабул и други авганистански градови во месеците откако Талибанците беа соборени од власт кон крајот на 2001 година, неколку недели по нападите на 11 септември на САД.

Многумина останаа отворени откако исламистите се вратија на власт пред две години, но со покриени прозорци и табли или реклами.

Западните влади и меѓународните организации сигнализираа дека ограничувањата за жените го попречуваат секој можен напредок кон меѓународното признавање на талибанската администрација.

Администрацијата вели дека ги почитува правата на жените во согласност со нејзиното толкување на исламскиот закон и авганистанските обичаи.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author