indeksi ekonomija

18.07.2023 Скопје

Зголемениот јаз меѓу богатите и сиромашните во светот ќе ја зацврсти сиромаштијата и ќе го зголеми ризикот од „климатски колапс“, според повеќе од 200 водечки економисти.

Во писмото до генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш и претседателот на Светската банка, Ајај Банга, тие ги повикаа двете организации да направат повеќе за да го поништат најостриот пораст на глобалната нееднаквост од Втората светска војна.

Меѓу потписниците се поранешниот генерален секретар на ОН Бан Ки-мун, поранешната премиерка на Нов Зеланд, Хелен Кларк и економистите Џајати Гош, Џозеф Стиглиц и Томас Пикети.

Во писмото се повикува на итна акција по различното влијание на пандемијата на корона вирусот врз богатите и сиромашните.

Се додава дека растечката нееднаквост е „во голема мера игнорирана“, како и концентрацијата на приходите и богатството меѓу супербогатите.

„Живееме во време на екстремно висока економска нееднаквост. Екстремната сиромаштија и екстремното богатство нагло се зголемија. Помеѓу 2019 и 2020 година, глобалната нееднаквост порасна побрзо од кога било од Втората светска војна“, се вели во писмото.

Се вели дека ОН и Светската банка имаат единствена можност да понудат повик за намалување на нееднаквоста што „нашиот поделен свет толку итно му треба“.

Според потписниците на писмото, најбогатите 10 отсто од светското население во моментов земаат 52 отсто од глобалниот приход, додека најсиромашната половина од населението заработува 8,5 отсто од него.

„Милијарди луѓе се борат со високите и зголемени цени на храната и гладот, додека бројот на милијардери е двојно зголемен во последната деценија“, велат експерти од целиот свет.

Се додава дека високата стапка на нееднаквост „ги поткопува сите наши социјални и еколошки цели“.

„Тоа ја еродира нашата политика, ја уништува довербата, го попречува нашиот економски просперитет и го ослабува мултилатерализмот. Исто така, знаеме дека без нагло намалување на нееднаквоста, целите за ставање крај на сиромаштијата и спречување на климатскиот колапс ќе бидат во јасен конфликт“, се наведува во писмото.

Светска банка соопшти дека денес неприфатливо е изразена нееднаквоста ширум светот бидејќи најсиромашните продолжуваат да ги сносат најголемите трошоци од пандемијата и нејзините последици.

„Светска банка е посветена на справување со нееднаквоста во сите нејзини форми. Се согласуваме дека треба да направиме повеќе за да се справиме со нееднаквоста и да бидеме подобри во мерењето на напредокот. Идеите предложени во отвореното писмо се добредојден придонес во оваа дискусија“, рече портпаролот на Светска банка.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author