13.07.2023 Скопје
Независниот синдикат на државната администрација и Независен синдикат на судска служба, кој функционира во негов состав, и денеска излезе на протест пред Основниот кривичен суд во Скопје со транспаренти со натписи „Европски план за нас и за вас“, изразувајќи го незадоволството поради ниските плати и недобивање додатоци на плата.
„Денеска повторно се собираме на протест во знак на револт кон вчерашната одлука на министерот за финансии да не ја потпише одлуката на Судскиот буџетски совет за исплата на додатоци, наплата која беше донесена со одлука на 15 проценти и незадоволство од Министерството за финансии за барањата за покачување на платата од 30 проценти. Доколку е бидат земени во предвид нашите барања, од 1 септември најавуваме одржување на генерален штрајк со блокирање на улици и неиздавање на уверенија за неосудуваност и други документи“, изјави претседателката на Независен синдикат на судска администрација Јасмина Величкова.
Величкова истакна дека не се согласуваат со покачување на платата од 10 проценти што Владата и Сојузот на синдикатите го договорија. Исто така, додаде и дека не се согласуваат и со К-15 во висина од 10 илјади денари.
„Многу револтирачки е што од нашите средства, односно доделени од Судски совет 15 проценти на плата, вчера министерот за финансии ги одби. За да ја појаснам нашата позиција и тоа само во еден сегмент, односно на нашите барања со уделот на нашата работа во буџетот на Република Северна Македонија ќе ви ја илустрирам со бројка – работата на Кривичен суд, и тоа за наплата на паушална сметка на судот. Во период од 1.1.2023 година до денес наплатени се 13 милиони денари за паушал, за 12 месеци тоа би било износ од 39 милиони денари од паушал. Наплата за такси за уверенија на сметка на буџет на неосудуваност и забрана на дејност во период од 1.1.2023 до денес наплатени се 9.420.000 денари, за 2022 година на сметка на буџетот уверенија наплатени се 16.232.000 денари. Со правосилни одлуки во 2022 година за парични казни во буџетот од Кривичен суд се издвоени 82.597.000 денари“, рече Величкова.
Величкова потенцира и дека се воведени во ситуација кога именуваните и избраните функционери добија покачување на плата од 78 проценти, на вработените во судската служба им се укинуваат сите додатоци, при што сега, како што рече, има енормна разлика на плати со судството.
Подготвено од А.Ѓ.