slavica dejanovikj

25.07.2023 Скопје

Со мнозинство гласови во Собранието на Србија, народните пратеници ја избраа Славица Ѓукиќ Дејановиќ за нова министерка за образование.

За Ѓукиќ Дејановиќ гласаа 149 пратеници, против 40, а воздржани пет пратеници.

Славица Ѓукиќ Дејановиќ по изборот даде заклетва во Народното собрание.

Гласаа вкупно 194 пратеници. Се гласаше јавно, со читање на имињата на пратениците, кои потоа се изјаснија „за“ или „против“.

Славица Ѓукиќ Дејановиќ беше предложена за министерка за образование, откако Бранко Ружиќ поднесе оставка на таа функција. Ѓукиќ Дејановиќ претходно беше министерка во Владата на Србија, во повеќе ресори.

Славица Ѓукиќ Дејановиќ е родена во 1951 година во Рача Крагуевачка. Основно и средно училиште завршила во Крагуевац, а Медицински факултет, магистерски, докторски студии и специјализација по невропсихијатрија на Медицинскиот факултет во Белград.

Во седум мандати била пратеник во Собранието на Србија, во Сојузниот парламент на СР Југославија и во Државниот сојуз на Србија и Црна Гора.

Во преодната влада на Србија беше министерка за семејна грижа и член на Интерпарламентарниот сојуз.

Таа ја извршуваше функцијата претседател на Собранието на Србија од 2008 до 2012 година, како и функцијата в.д. претседател на Србија од почетокот на април до крајот на мај 2012 година. Од 2012 до 2014 година беше министерка за здравство на Србија.

Поголемиот дел од својата кариера ја има поминато како редовен професор, раководител на Катедрата за психијатрија и проректор за меѓународна соработка на Универзитетот во Крагуевац. Од 1982 година го предава предметот „Психијатрија“ на Медицинскиот факултет во Крагуевац.

Таа беше најмладата жена доктор по медицински науки во Шумадија и основач на Дневната психијатриска болница.

Била директорка на Клиничкиот болнички центар во Крагуевац од 1993 до 2000 година, а од 2014 до 2016 година била директорка на Клиниката за психијатриски болести „Д-р Лаза Лазаревиќ“ во Белград.

Од август 2016 година до октомври 2020 година, таа беше министерка без ресор во Владата на Србија задолжена за демографија и популациона политика. Во моментов работи како специјален советник за спроведување на Агенција 2030.

Автор е на седум книги, два учебника за редовни студенти и еден од авторите на три учебника за студенти на постдипломски студии. Автор е и коавтор на повеќе од 200 научни и стручни трудови, од кои само во последните пет години 31 се објавени на листата на SCI.

Носител е на признанието на Психијатриската секција на Српското лекарско друштво, на Повелбата за придонес во здравствената заштита на градот Крагуевац, како и на наградата Ѓурѓевдан.

Таа е член на Здружението на психијатри на Србија, а функцијата претседател на тоа здружение ја извршуваше во два мандати.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author