evropolll

25.07.2023 Скопје

Европол соопшти дека полицијата од пет земји разби меѓународна криминална мрежа која преку Србија шверцувала мигранти од Куба во Европската унија. Истрагата доведе до апсење на 62 лица, од кои 25 се Кубанци. Уапсени се и двајца српски државјани.

Припадниците на криминалната мрежа организирале патување за уплата од околу 9.000 евра и обезбедиле лажни документи, користејќи го фактот дека тогаш не биле потребни визи за влез во Србија, велат од Европол. Мигрантите потоа би биле прошверцувани во Грција, од каде ќе летаат за Шпанија.

Се сомнева дека криминалната мрежа прошверцувала во ЕУ вкупно околу 5.000 кубански државјани, со што оствариле профит од околу 45 милиони евра.

Европол истакна дека истрагата открила комплексна криминална инфраструктура воспоставена во многу градови низ Шпанија, Грција и Србија, „флексибилна и способна да се прилагоди на променливите околности за да ги одржи своите незаконски операции“.

На денот на операцијата во јуни 2023 година, полицајците од сите три земји заплениле стотици фалсификувани документи, 18 имоти, 33 возила и 144 банкарски сметки, заедно со огромни суми готовина во различни валути.

На територијата на Србија биле уапсени В.Ш.(67) и М.Ш.(33), додека 18 членови на оваа криминална група се уапсени на територијата на Шпанија, за која се сомничи дека ја воделе П.М.Р.П., Ц.Л.Р.Ц., Р.А.И.О и Ј.С.С. од Шпанија.

Тие се обвинети дека дозволиле илегален влез во Шпанија на најмалку 53 нерегуларни мигранти, кубански државјани, од октомври 2022 година до април годинава, преку злоупотреба на безвизниот режим за влез на кубански државјани во Србија и организирање илегален премин од нашата земја кон Република Северна Македонија или Босна и Херцеговина, а оттаму во Шпанија, како крајна дестинација.

При претрес на стан и други простории на осомничените В.Ш. и М.Ш. пронашол и привремено одзел четири мобилни телефони, патничко моторно возило, 600 евра и 300 долари, како и шест писма за покани, две потврди за трансфер на пари и две патни исправи.

Европол оценува дека станува збор за „невообичаено долга и скапа шверцерска рута“, која е откриена откако властите на Србија, Грција, Северна Македонија и Финска пријавиле зголемен број кубански граѓани кои се обидувале да влезат во Европа со фалсификувани документи во октомври 2021 година.

Во соопштението на Европол се наведува дека војната во Украина доведе до промена на рутата на криумчарење на кубанските мигранти.

„На почетокот, кубанските граѓани комерцијално летаа од Куба до Русија, каде што шверцерите им нудеа можност илегално да ја преминат финско-руската граница за да влезат на територијата на ЕУ или да летаат во Србија за да го продолжат своето патување низ регионот на Западен Балкан до централна или јужна Европа“, наведува европската агенција.

„По пристигнувањето на кубанските државјани во Србија, членовите на криминалната мрежа ќе им овозможат нерегуларен влез по копно во Северна Македонија и Грција. Во некои случаи жените биле префрлени во други криминални групи за сексуална експлоатација“, се наведува во соопштението.

Европол наведува дека во разбивањето на криминалната мрежа учествувале Министерството за внатрешни работи на Србија, германската федерална полиција, полицијата на Грција и Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author