26.07.2023 Скопје
Популарната платформа за стриминг музика Spotify одлучи да ги зголеми цените на претплатите во својата Premium категорија за првпат по 10 години, на глобално ниво.
Почетокот на неделата им донесе лоша вест на претплатниците на популарниот музички стриминг сервис. Во Република Северна Македонија сега, наместо 4,99 евра, основниот Премиум пакет ќе чини 5,49 евра месечно.
Spotify е еден од најпопуларните сервиси за стриминг на музика во светот и кај нас, а со цена од 4,99 евра месечно беше и меѓу најевтините. Сепак, оваа цена под притисок на сите останати инфлаторни настани е нешто повисока од оваа недела.
„Откако ја лансиравме нашата услуга во 2008 година, условите на пазарот се променија“, соопшти компанијата.
Spotify Premium отсега во Македонија, како за постоечките, така и за сите нови корисници, ќе има нови цени на месечните пакети на претплата.
Индивидуалната претплата за еден корисник ќе чини 5,49 евра месечно (досега чинеше 4,99 евра).
Претплата Duo, за 2 корисника ќе чини 7,49 евра месечно (досега чинеше 7 евра).
Семеен пакет, кој поддржува до 6 корисници „под еден покрив“ ќе изнесува 8,99 евра месечно (досега чинеше 7,99 евра).
Spotify моментално има над 515 милиони месечни активни корисници и над 210 милиони претплатници, при што бројот на оние кои плаќаат за нивните услуги расте за 15% на годишно ниво. Бесплатната опција ќе продолжи да биде достапна, поддржана од реклами и со ограничени функции.
Ова зголемување на цената „ќе и овозможи на компанијата да продолжи да испорачува вредност на своите слушатели и уметници“, објавија од Spotify.
Подготвено од А.Ѓ.