polni kontejneri 222

10.07.2023 Скопје

Викендов, главниот град се соочи со преполни контејнери по скопските улици. И утрово повторно можат да се забележат преполни контејнери по скопските улици од кои се шири лош мирис откако службите на градското претпријатие Комунална хигиена – Скопје веќе неколку дена, во протест одбиваат да ги празнат контејнерите.

Вчеравечер, дел од градоначалниците на скопските општини се самоорганизираа за чистење на ѓубрето.

Градоначалниците на Аеродром и Кисела Вода вчера сами започнаа со чистење на отпадот, а на видеоснимка објавена на социјалните мрежи може да се види како камион наполнет со отпад го истура ѓубрето пред „Дрисла“, откако, надлежните одбиле да ги примат камионите да го одложат отпадот во депонијата.

Исто така, и градоначалникот на Општина Центар најави дека општинските служби сами ќе започнат да го собираат отпадот од утрово, истакнувајќи дека на терен ќе биде целата механизација на ЈП „ПОЦ“, како и дополнителна опрема за собирање смет.

Во саботата, работниците од Комунална Хигиена – Скопје започнаа да протестираат пред просториите на претпријатието, поради отпуштањето на десетици нивни колеги, но и поради тоа што не им се исполнуваат барањата за зголемување на платите, К-15 и бенефициран стаж.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, вчеравечер по состанокот на градскиот кризен штаб, обвини дека дел од вработените повеќе дена ја блокираат работата на Комунална хигиена поради лични интереси, но потенцираше дека чистењето на отпадот се враќа во нормала.

Според Арсовска, проблемот во јавното претпријатие го направиле лица кои повеќе од 15 години работеле само трета смена, спротивно на Законот.

„Поголемиот дел од овие вработени воопшто се немаат појавувано на работа и истите ја блокираат работата на комуналното претпријатие“, истакна Арсовска.

Вработените во Комунална Хигиена – Скопје истакнаа дека само во саботата 7-8 луѓе заминале со решение за вработување, додека во петокот биле отпуштени 40 лица. Воедно, потенцираат дека 50 работници добиле опомена за отказ откако протестираа пред една недела, а се жалат и дека раководството гледа во безбедносните камери и кога некој ќе се види дека протестира, добива отказ.

Косана Николиќ Мазнева, директорката на ЈП Комунална хигиена, околу 1 часот по полноќ со полициска придружба дошла во претпријатието и од работниците има побарано да излезат и да ги исчистат улиците, но работниците сепак едногласно одбиле да излезат на терен.

Мазнева истакна дека групата граѓани не се вработени во претпријатието, ниту се членови на синдикатот, дополнувајќи дека кон групата граѓани кои ја опструираат работата на претпријатието, со што се загрозува здравјето на јавноста, е поднесена соодветна кривична пријава.

Според директорката, групата вработени добивале поголеми плати, ноќен труд од 35% поради работата во трета смена, а никој друг не можел да ротира.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author