11.07.2023 Скопје
Од петок се очекува температурите да се искачат над 40 Целзиусови степени во поголеми делови на Грција. Многу градови и општини ќе отворат климатизирани простори за граѓаните каде што луѓето ќе можат да бараат засолниште. Повеќе синдикати побараа петок да се прогласи за неработен поради горештините, но Владата допрва треба да се огласи.
Во главниот град Атина максималните температури во сабота би можеле да достигнат до 45 степени, соопшти денеска грчката државна метеоролошка служба. Надлежните ги повикуваат граѓаните и туристите да бидат внимателни и препорачуваат избегнување на тежок физички напор.
Луѓето се повикуваат да работат од дома ако е можно.
Од работодавците беше побарано да не бараат од нивните работници да вршат тешка физичка работа на отворено.
Метеоролозите се уште не можеа да кажат колку долго ќе трае топлотниот бран. Но, стравуваат дека високите температури би можеле да траат и до 10 дена.
Опасноста од шумски пожари во моментов не е голема, бидејќи до пред неколку недели често во Грција врнеше силен дожд.
Подготвено од А.Ѓ.