25.07.2023 Скопје
Италијанскиот Сенат има намера да му ја одземе титулата „Витез на Големиот крст“ на Јосип Броз Тито, комунистичкиот лидер на СФРЈ, за, како што се наведува, злосторства врз Италијанците.
Комисијата за култура на Сенатот го одобри дневниот ред со предлогот за одземање на титулата на Броз.
Партијата „Браќата на Италија“ бара Владата да го укине највисокото признание што Италија му го додели на „југословенскиот диктатор“.
Се предвидува можност за одземање на титулата на сите кои се виновни за злосторства против човештвото.
Иако италијанскиот закон за формирање на „Витези на Републиката“ не предвидува укинување на почестите на починатите лица, со усвојувањето на предлогот на новиот закон, ќе може да се измени одреден став, така што титулата ќе му се одземе на, како што стои во текстот, „југословенскиот џелат чии раце се извалкани со крвта на Италијанците“.
„Конечно на дневен ред е ставено историското барање за одземање на честа доделена на југословенскиот диктатор Јосип Броз Тито, поднесена од членовите на семејствата на жртвите од масакрот на Тито – прогонетите од Истра, Ријека и Далмација“, изјави сенаторот Роберто Менија од партијата Браќата на Италија.
„Браќата од Италија“ сметаат дека Тито е одговорен за „истребувањето на илјадници Италијанци во масовни гробници, што му претходело на егзодусот на 350.000 Истраци, Ријечани и Далматинци, како и за колењето на илјадници други противници на режимот во поранешна Југославија“.
Како што се наведува во весникот „Ил примато национал“, овие факти се утврдени со неодамнешното истражување во Словенија, кое го потврдило постоењето на 750 масовни гробници и најмалку 100.000 убиени луѓе.
Во текстот се забележува дека, покрај Тито, има и други „крвопијци“ кои незаслужено носат италијански награди, како што се поранешниот романски диктатор Чаушеску и конгоанскиот диктатор Сесе Сека Мобуту.
Подготвено од А.Ѓ.