12.07.2023 Скопје
„Матратцен Конкорд“, германска компанија која е во сопственост на кинески бизнисмен, ја купи компанијата за малопродажба Студио Модерна, која беше во сопственост на познатиот основач на „Дормео“, Санди Чешко.
На продавниците на „Дормео“ низ Белград, како што пишуваат српските медиуми, веќе е ставен катанец.
Продавниците на „Дормео“ се популарни и во Република Северна Македонија. „Дормео“ има неколку продавници во Скопје и тоа во сите молови, како и во ГТЦ и на улица Македонија. Продавници има и во Штип, Битола, Струмица, Тетово и Свети Николе.
„Дормео“, исто така, беше прогласена и за е-продавница на годината.
Поради финсиските проблеми, словенечкиот бизнисмен кон средината на мај ги продаде брендовите Дормео, Делимано, Ровус и Топ Шоп на швајцарската компанија Дормео на претприемачот Дарко Хорват, а сега на ред дојде и малопродажбата. Останатите делови на Студио Модерна според изјавата на Чешко за словенечки медиуми, се уште се реструктуираат.
Империјата на Чешко која се градеше и развиваше од 1992 година прераснувајќи во интернационален бизнис и водечки синџир за малопродажба во повеќе канали во Централна и Источна Европа, присутен во 19 земја со вкупен досег од 160 милиони потенцијални купувачи, почна да се распаѓа како куќа од карти во 2019 година, по избувнувањето на пандемијата на коронавирус. Потоа, во 2022 година, на компанијата на словенечкиот бизнисмен ѝ беше зададен последниот удар од руската агресија врз Украина.
Подготвено од А.Ѓ.