12.07.2023 Скопје
Владата на вчерашната седница утврди текстови на три предлози на закони, чиишто одредби се усогласуваат со директиви на Европската Унија и европското право, меѓу кои и Предлогот на законот за измена и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност.
Од Владата соопштија дека се врши намалување на стапката од 18% на 5% за прометот со менструални производи со цел поттик за поголема заштита и хигиена кај одредена група на граѓани; се намалува даночната стапка за дигиталните учебници; се зголемува стапката на ДДВ од 5% на 10% на производи за човечка исхрана коишто не се дел од основните производи потребни за човечка исхрана; се зголемува даночната стапка за прометот и увозот на пелети, печки на пелети и котли на пелети од повластена даночна 5% на редовната стапка од 18%.
Даночната реформа и намалувањето на ДДВ-то на производи за менструална хигиена од 18 на 5 проценти, премиерот Димитар Ковачевски ги најави уште во декември минатата година откако здруженијата и активистите апелираа за намалување на данокот на овие производи.
Според резултатите од студијата за пристапот до менструална хигиена во земјава насловена „Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“ на „Тииииит! Инк.“ и „Реактор“, 77 отсто од анкетираните жени и девојки трошат од 101 до 400 денари месечно на производи за менструација, или во просек 265,54 денари.
Оттаму, за една година жените трошат 3.186, 48 денари на менструални производи. Ако репродуктивниот период на жената трае од 12 до 52 години, во просек 127.459,2 денари трошат на менструални производи.
Подготвено од А.Ѓ.