28.07.2023 Скопје
Денеска портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, изјави дека Соединетите Американски Држави немаат видено никакви веродостојни индикации за вмешаност на Русија или на приватната руска група „Вагнер“ во државниот удар во африканската земја Нигер.
Жан-Пјер напомена и дека Вашингтон ги повикува американските граѓани во Нигер да бидат внимателни.
Претставниците на армијата на Нигер вчеравечер објавија дека претседателот на земјата е сменет и дека границите на земјата се затворени.
Воената команда на Нигер денеска соопшти дека го поддржува државниот удар што претходниот ден го извршија членови на претседателската гарда и наведе дека нејзин приоритет е да се избегне дестабилизација на земјата.
Армијата мораше да го „зачува физичкиот интегритет“ на претседателот и неговото семејство и да избегне „смртоносна конфронтација што може да предизвика крвопролевање и да влијае на безбедноста на населението“, се вели во военото соопштение.
Претседателот на Нигер, Мохамед Базум, и министерот за надворешни работи Хадуми Масуду претходно ги повикаа демократските сили на земјата да се спротивстават на преземањето.
Подготвено од А.Ѓ.