21.07.2023 Скопје
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин одобри испраќање на амфибиските јуришни бродови USS Bataan, USS Mesa Verde и USS Carter Hall и илјадници маринци во Заливот, како одговор на обидите на Иран да заплени комерцијални бродови што пловат во регионот.
Бродовите и војниците ќе бидат распоредени во Областа на одговорност на Централната команда на САД, придружувајќи им се на разурнувачот УСС Томас Хаднер и борбените авиони Ф-16 и Ф-35 што веќе беа испратени во регионот од САД претходно оваа недела. Во соопштението, Централната команда истакна дека дополнителните сили ќе обезбедат „понатамошна флексибилност и поморска способност во регионот“.
Амфибиската група USS Bataan исплови од Норфолк, Вирџинија, на почетокот на јули, но до вчера не беше јасно каде е насочена огромната амфибиска сила. Претходно овој месец, Иран се обиде да заплени два танкери со нафта што пловеа во близина на Ормутскиот теснец, отворајќи оган кон еден од бродовите.
Воените авиони испратени од САД во регионот се очекува да обезбедат покритие за комерцијалниот превоз и да го зголемат военото одвраќање против Техеран.
Подготвено од М.Н.