19.07.2023 Скопје
„САД ќе ги употребат сите можни средства за да го спречат претседателот на Република Српска, Милорад Додик, да ја отцепи Република Српска од Босна и Херцеговина“, изјави специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во сведочењето пред Поткомитетот за Европа на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.
Специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, порача и дека Косово и Србија треба да ги исполнат своите обврски според Договорот за нормализација на односите.
На 18 јули во Вашингтон, Габриел Ескобар изјави дека претседателот на на ентитетот на Република Српска, Милорад Додик, останува фокусиран на укинување на Дејтонскиот мировен договор и Уставот на Босна и Херцеговина.
Обраќајќи им се на членовите на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом на Соединетите Држави, Ескобар зборуваше за стабилноста и безбедноста на Западен Балкан и за позициите на американската политика.
„Упорните, сецесионистички и антидемократски активности на Додик ја загрозуваат стабилноста, безбедноста и просперитетот на земјата и поширокиот регион“, нагласи тој, обраќајќи се пред членовите на Поткомитетот за европски прашања на Комисијата за надворешни работи.
Ескобар посочи и дека САД ќе продолжат да бараат одговорност од сите оние кои го поткопуваат Дејтонскиот мировен договор или го загрозуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и мултиетничкиот карактер на Босна и Херцеговина.
Обраќањето на Ескобар во Вашингтон доаѓа во моментот на една од низата политички кризи во БиХ, откако владата на Република Српска усвои закони за неспроведување на одлуките на Уставниот суд на БиХ во тој ентитет на Босна и Херцеговина, како и за необјавувањето на одлуките на високиот претставник во БиХ.
Подготвено од А.Ѓ.