14.07.2023 Скопје
Руската Државна Дума денеска усвои закон со кој се забрануваат сите медицински интервенции насочени кон промена на полот на една личност.
Тоа е всушност нов член додаден во Законот за основна здравствена заштита на граѓаните на Руската Федерација.
Законот предлага и поништување на бракот доколку еден од брачните другари во меѓувреме го променил полот, а притоа на брачниот другар кој го променил полот ќе му се забрани да посвојува деца.
Претседателот на Думата, Вјачеслав Володин најави дека оваа одлука ги штити граѓаните и децата.
„Замислете, во САД, бројот на операции за промена на полот е зголемен 50 пати во последните 10 години. Ова е патот што води до дегенерација на нацијата. За нас тоа е неприфатливо“, рече Володин на Телеграм.
Иницијативата за донесување на овој закон беше поднесена во мај годинава, а на неговото изготвување работеа околу 400 пратеници.
Подготвено од А.Ѓ.