Image by jcomp on Freepik

17.07.2023 Скопје

Кремљ соопшти дека Русија го прекинува учеството во договорот за извоз на жито преку Црното Море, потенцирајќи дека раскинувањето на договорот не е поврзано со нападот на мостот на Крим вечерва.

„Денес црноморските договори престанаа да важат. Како што претходно изјави претседателот на Руската Федерација, крајниот рок е 17 јули. За жал, делот поврзан со Русија, црноморските договори досега не се имплементирани и нивниот ефект престана“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Песков додаде дека Русија „веднаш ќе се врати на имплементацијата на овој договор штом ќе се исполни рускиот дел од договорот“.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Русија за оваа одлука денес ги информирала Турција, Украина и ОН.

Претходно, рускиот претседател Владимир Путин во разговор со неговиот јужноафрикански колега Кирил Рамафоза изјави дека не се исполнети обврските за отстранување на пречките за извоз на руска храна и ѓубрива и посочи дека главната цел на договорот, што е снабдување со жито на земјите кои се соочуваат со недостиг на храна, вклучително и оние на африканскиот континент, не е реализирано.

Договорот Киев-Москва, постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција, имаше за цел да ја олесни глобалната криза со храната со тоа што ќе дозволи украинското жито блокирано од конфликтот меѓу Русија и Украина безбедно да се извезува преку Црното Море.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author