31.07.2023 Скопје
Хипотетичко повлекување на руското тактичко нуклеарно оружје кое моментално е распоредено во Белорусија може да се случи само доколку Соединетите Американски Држави и НАТО се откажат од својата политика на поткопување на безбедноста на Русија и Белорусија, изјави Алексеј Полшчук, директор на вториот оддел на руското Министерство за надворешни работи за земјите од Заедницата на независни држави (ЗНД).
Распоредувањето на руското тактичко нуклеарно оружје на територијата на Белорусија беше одговор на долгогодишната дестабилизирачка нуклеарна политика на НАТО и Вашингтон, како и на фундаменталните промени што неодамна се случија во клучните области на европска безбедност, истакна Полшчук.
Дипломатот нагласи дека тоа е „принудна“ мерка наменета за обезбедување на безбедноста на Белорусија, која има заеднички одбранбен простор со Русија.
Хипотетичкото повлекување на руското тактичко нуклеарно оружје од територијата на Белорусија ќе биде можно само доколку САД и НАТО се откажат од својот деструктивен курс на намерно поткопување на безбедноста на Русија и Белорусија, додаде Полшчук.
Подготвено од М.Н.