21.07.2023 Скопје
Републиканската партија објави копија од документ од Федералното истражно биро (ФБИ) во кој се опишува обид за поткуп во кој бил вмешан претседателот на САД, Џо Бајден, во времето на администрацијата на Барак Обама.
Документот, објавен од сенаторот Чак Грасли и републиканците во Комитетот за следење на Претставничкиот дом, ги опишува разговорите меѓу агенцијата и неодреден доверлив извор. Материјалот беше предаден на Конгресот во последните неколку недели, откако републиканците се заканија дека ќе го обвинат директорот на ФБИ за презир кон Конгресот, доколку не ја достави документацијата.
Тврдењата на изворот, кои никогаш не се докажани, ги вклучуваат Џо Бајден, неговиот син Хантер и поранешниот украински јавен обвинител Виктор Шокин. Посебно се повикуваат на некои изјави на Џо Бајден, кој го обвини Шокин за корупција, заканувајќи се дека ќе блокира заеми од милијарда долари за Украина доколку властите не наредат разрешување на обвинителот.
Во тоа време, канцеларијата на Шокин вршеше истрага за украинската енергетска компанија Бурисма, во која во одборот беше и Хантер Бајден. Според доверливиот извор, основачот на Бурисма, Микола Злочевски, би го земал вториот син на Бајден во одборот токму за да избегне проблеми со правдата за неговата компанија.
Извршниот директор, исто така, наводно испратил „милиони долари“ на актуелниот американски претседател и неговиот син. Детали кои никогаш не се докажани, иако според изворот има најмалку две аудио снимки кои ги докажуваат неговите тврдења.
Белата куќа веќе негираше каква било вмешаност на Бајден во аферата. „Неверојатно е како Републиканската партија, во обид да удри против претседателот Бајден и неговото семејство, се повикува на информации кои никогаш не биле докажани, изјави Јан Самс, еден од портпаролите на Белата куќа, потсетувајќи дека информациите дадени од изворот се веќе испитани од страна на администрацијата.
Подготвено од М.Н.