31.07.2023 Скопје
Во големото финале во салата „Чаир“ во Ниш, Репрезентацијата на Србија ја освои титулата на Европското првенство за кошаркари до 18 години, со победа над селекцијата на Шпанија со конечен резултат 81:71 (24:24, 17:16, 15:11, 25:20).
Светла е иднината на кошарката во Србија, а тоа го докажаа играчите кои го освоија турнирот без ниту еден пораз, со победи над Чешка, Финска, Словенија, Данска, Израел, Германија и на крајот Шпанија.
Репрезентацијата на Србија со оваа победа ја прекина доминацијата на Шпанија која трипати во низа го освојуваше натпреварувањето во оваа возрасна категорија.
Репрезентацијата на Германија во ова Европско првенство за кошаркари до 18 години, се закити со бронзениот медал откако ја совлада Франција со 67:59.
Подготвено од М.Н.