19.07.2023 Скопје
Израелскиот претседател Исак Херцог оствари билатералната средба во Белата куќа со неговиот американски колега Џо Бајден.
На прес-конференција Херцог изјави дека загриженоста на САД за реформата на судскиот систем одобрена од владата на Бенјамин Нетанјаху произлегува од големото внимание посветено на безбедноста и благосостојбата на Израел.
Израел е многу важна земја за регионот, за светот и за САД и тоа е уште една причина да се најде соодветен компромис, истакна претседателот Херцог.
На средбата со Бајден се воделе разговори и за активностите на Хезболах, иранската нуклеарна програма и регионалната соработка.
Херцог изрази задоволство од неодамнешниот телефонски разговор меѓу неговиот американски колега Џо Бајден и премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој се фокусираше на билатералната воена соработка. Израелскиот претседател додаде дека некои од противниците погрешно веруваат дека разликите меѓу САД и Израел може да имаат негативно влијание врз нивната непоколеблива врска.
Бајден, исто така, потврди дека партнерството меѓу САД и Израел е „неуништливо“, и срдечно му посака добредојде во САД на 75-годишнината од независноста на Израел.
Подготвено од М.Н.