27.07.2023 Скопје
Демонстрациите во Израел против судските реформи беа прекинати денеска за време на традиционалниот еврејски пост, националните лидери повикуваат на помирување, додека активистите најавија нови протести и уште поголем притисок врз владата.
Откако Кнесетот во понеделникот го усвои клучниот закон во планираната судска реформа, ставајќи крај на овластувањата на Врховниот суд да ги укинува владините и парламентарните одлуки за кои смета дека се неразумни и штетни, политичките набљудувачи побараа од судот да го поништи новиот закон.
Правната битка ќе започне следниот четврток, кога израелскиот Врховен суд ќе ја разгледа жалбата против законот ратификуван во март со кој се ограничуваат условите за смена на премиерот од функцијата.
Усвојувањето на законот предизвика нови протести, при што полицијата употреби водени топови против демонстрантите во Ерусалим и Тел Авив.
Израелскиот претседател Исак Херцог, кој од март се обидува да посредува за постигнување компромис, напиша на Фејсбук дека сите страни мора да се воздржат од насилство.
Демонстрантите најавија дека ќе продолжат со протестите веднаш штом ќе зајде сонцето вечерва.
Тие го обвинуваат израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека работи на укинување на независноста на Врховниот суд.
Нетанјаху ја најави реформата на судството во јануари, веднаш по преземањето на функцијата, што веднаш предизвика масовни протести низ Израел кои траат веќе седум месеци.
Подготвено од А.Ѓ.