21.07.2023 Скопје
Ветровите кои почнаа да дуваат во текот на вечерта дополнително разгореа голем пожар западно од Атина, што предизвика дополнителни евакуации и грчките власти се подготвуваат за продолжување на екстремните временски услови кои донесоа голема топлина во јужна Европа.
Грчките власти најпрвин соопштија дека огромниот пожар бил запрен во ноќта меѓу средата и четвртокот, а противпожарната служба го засилила гаснењето на пожарите од канардите кои пристигнале од Франција и Италија.
Пожарникарите, сепак, изгубиле контрола над огнот кога ветар се засилил, соопштија претставници на противпожарната служба.
Пожарот гори од вторник и веќе изгоре 35 квадратни километри шума и грмушки.
Некои жители ги игнорираа најновите наредби за евакуација во обид да ги спасат своите домови.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека противпожарната служба и органот за цивилна заштита ќе останат во подготвеност додека новиот топлотен бран се движи кон исток низ земјата.
Синоптичарите велат дека температурите во недела би можеле да достигнат до 45 Целзиусови степени.
„Тешките времиња очигледно сè уште не се завршени“, рече Мицотакис.
„Се соочуваме со нов топлотен бран и можно засилување на ветровите. Значи, потребна е апсолутна будност и апсолутна подготвеност во следните неколку дена“, додаде тој.
Вонредна состојба е прогласена на грчкиот остров Родос, каде повторно избувна пожар на планински гребен во центарот на островот, а издадени се наредби за евакуација на неколку планински области.
Неодамна повторно се разгоре пожарот во Лаконија, јужно од Спарта, што создаде нови огнени линии југоисточно од населбата Лефкохома.
Подготвено од А.Ѓ.