pozhari vo grcija

20.07.2023 Скопје

Од утринава ситуацијата со пожарот на грчкиот остров Родос е нешто подобра, но се уште гори шумата на тешко достапни места.

Противпожарните единици и денеска се во целосна готовност, а ризикот од пожари во неколку области се уште е многу голем, додека пожарите во Атика и Лутракија се намалуваат.

На Родос горат дрвја високи и до 15 метри, што го отежнува гаснењето на пожарот.

Противпожарната служба соопшти дека пожарот што избувна во средата во шумска област во Лаконија е ставен под контрола и дека на терен се 52 пожарникари со 15 возила, а од воздух работат два авиони и еден хеликоптер.

Многу висок ризик од пожар се предвидува за денеска во Атика, централна Грција и на Пелопонез.

Во Месинија е уапсен 30-годишен маж кој признал дека подметнал три пожари и се очекува денеска да биде изведен пред обвинител.

Два противпожарни авиони од Израел се очекува денеска да пристигнат во Грција на барање на грчките власти за да помогнат во гаснењето на пожарот.

Помош за гаснење на пожарот до Грција ќе испратат и членките на ЕУ – Полска, Романија, Словачка, а помош веќе пристигна и од Франција, Италија и Малта.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author