pozari grcija

19.07.2023 Скопје

Веќе трет ден стотици грчки пожарникари и волонтери, потпомогнати со противпожарни летала, се борат со големите пожари во Западна Атика и Коринт, а ново жариште се појави на островот Родос.

Ситуацијата е особено тешка кај градот Мандра, западно од Атина, каде што еден од огнените фронтови се протега на осум километри и веќе има изгорени домови и автомобили, јавуваат грчките медиуми.

Пожарот што во понеделникот избувна во областа на Дервенохорија, околу 30 километри северно од Атина, се ширеше брзо поради силните и топли ветрови и стигна до Мандра, принудувајќи многу луѓе да се евакуираат од таа област.

Локалните власти соопштија дека условите нема да се подобрат ниту во денешнот ден, а се очекува температурите над 40 Целзиусови степени да се задржат и во следните пет дена во Грција, која се наоѓа среде голем топлотен бран.

Црвена тревога е огласена и во 20 големи градови во Италија, североисточна Шпанија, Хрватска, Србија, Црна Гора и во јужниот дел на БиХ.

Подготвено од М.Н.

About Author