24.07.2023 Скопје
Мала група демонстранти денес, 24 јули, запалија копија од Куранот пред ирачката амбасада во данската престолнина, со што се ризикуваше да се влошат односите меѓу двете земји.
Групата наречена Дански патриоти одржа сличен протест во Копенхаген минатата недела, пренесувајќи го во живо на Фејсбук.
Неколку илјади Ирачани протестираа во саботата во Багдад поради обезличувањето и палењето на Куранот на антиисламските протести во Шведска и Данска, митинг што го свикаа ирачките владејачки партии и вооружени групи, некои блиски до Иран.
Претходно минатата недела, 37-годишен бегалец од Ирак запали Куран пред џамија во Шведска.
На почетокот на оваа година истото го направи и екстремно десничарскиот политичар Расмус Палудан, пред турската амбасада во шведскиот главен град.
Исламскиот свет ги осуди тие дела, а илјадници луѓе излегоа на улиците на земјите со мнозинско муслиманско население да протестираат, пренесуваат медиумите.
Стотици луѓе упаднаа во шведската амбасада во центарот на Багдад и ја запалија во саботата, а иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи повика на „најтешка казна“ за палењето на Куранот и рече дека Шведска „почнала војна против муслиманскиот свет“ без да ги казни одговорните.
Шведските власти го осудија чинот, но рекоа дека не можат да интервенираат поради правилата за слобода на говорот.
Подготвено од А.Ѓ.