06.07.2023 Скопје
Центарот за управување со кризи соопшти дека доцна синоќа во селото Буковиќ, пукнала цевка од која истекло големо количество вода и се поплавиле околу 20-30 куќи.
Од ЦУК информираат дека вработен во Општина Сарај алармирал преку бројот за итни случаи 112. Улиците се целосно под вода, а од страна на општината ангажирани се пумпи за испумпување на водата.
Според ЦУК потребно е ангажирање на дополнителни пумпи за испумпување на вода и багер за да може да ја пренасочи водата во друг правец и да не дојде до поплавување на други куќи, како и за откривање на дефектот од каде што истекува водата за да може да се интервенира на истиот.
Oд ЦУК информираат дека водата од цевката е престаната да тече и се работи на испумпување на водата од улиците и куќите.
Куќите на жителите во селата Буковиќ и Ласкарци беа поплавени и во текот на претходното деноноќие по поројните дождови. Екипи од општината и во текот на вчерашниот ден ги чистеа улиците од вода и кал.
Подготвено од А.Ѓ.