lisici na race

14.07.2023 Скопје

Полското разузнавање уапси 18-годишен осомничен исламистички бомбаш-самоубиец и спречи планиран терористички напад, соопштија властите.

На 16 јуни, властите го уапсија осомничениот, полски државјанин кој преминал во ислам во 2022 година, во Долна Шлезија.

При претресот на неговиот стан нашле докази дека планирал напад. Тој веќе собрал информации и материјали за изработка на појас со експлозив, се наведува во соопштението.

Осомничениот бил во контакт со лица кои тврделе дека се претставници на терористичката група ИСИЛ (Исламска држава), соопшти безбедносната служба.

Според соопштението, тој планирал да ја нападне зградата на полската влада во координација со луѓето со кои бил во контакт.

„Осомничениот е обвинет за учество во активности на организирана криминална група чија цел била да изврши терористички акт“, соопшти полската безбедносна служба.

Тие додаваат: „Тој се товари и дека планирал да изврши дело опасно по животот или здравјето на повеќе лица или дело со кое може да се нанесе имотна штета од големи размери“.

Државното обвинителство истражува осомничени за членство во криминална организација со намера да изврши терористички кривични дела.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author