22.07.2023 Скопје
Цените на недвижностите паѓаат низ Германија. Сепак, тоа не влијае на цените за изнајмување. Еве каде животот е особено скап и евтин во моментов.
За првпат по многу години, цените на куќите и становите во Германија значително паднаа. Во исто време, цените на киријата никогаш не биле повисоки. Ова е резултат на проценката на „Stiftung Warentest“, која се потпира на бројките од „vdpResearch“, истражувачки институт на Здружението на германски банки Pfandbrief.
Падот на цените е особено голем во Франкфурт на Мајна: таму цените на становите паднаа за 8,4 отсто. Кириите во Германија се зголемиле во просек за 7,4 отсто. Берлин води кога станува збор за цените за изнајмување, со раст од 12,2 отсто.
Иако купувањето стан сега е попрофитабилно од изнајмувањето на многу места, прво мора да можете да си го дозволите заемот. Поради зголемените каматни стапки, купувањето куќа или стан е можно само со доволен капитал. Во особено скапите градови како Минхен или Берлин, потребен е и висок приход.
Според „Stiftung Warentest“ разликите во цените на недвижностите се огромни.
„Куќа од 120 квадратни метри на добра локација може да се добие во Хоф за околу 311.000 евра. Купувачите во Хајделберг треба да издвојат повеќе од 900.000 евра за неа“, пишуваат експертите.
Вреди да се погледне и соседната област. Во Гелзенкирхен, стан на добра локација со добри удобности би чинел околу 2.400 евра за метар квадратен. Во соседен Есен квадрат чини добри 3.650 евра.
Како се движат цените на недвижностите?
Експертите на „vdpResearch“ оценуваат дека откупните цени ќе продолжат да паѓаат во текот на годината. Во просек може да се очекува пад од 5 до 6 проценти. Но, во 2024 година цените би можеле повторно да пораснат, пишуваат германските медиуми.
„Stiftung Warentest“ ги наброја градовите каде што требаше да платите најмногу и најмалку за стан во 2022 година.
Ова се најскапите градови: Минхен, Штутгарт, Хамбург, Франкфурт на Мајна, Хајделберг, Берлин, Фрајбург, Дизелдорф, Визбаден, Келн, Розенхајм, Потсдам, Регенсбург и Карлсруе.
Ова се најевтините градови: Сул, Пирмазен, Десау-Рослау, Гера, Котбус, Цвајбрекен, Франкфурт (Одер), Бранденбург, Вилхелмсхавен, Хоф, Кемниц, Салцгитер, Бремерхавен и Емден.
Подготвено од М.Н.