nastavnici

14.07.2023 Скопје

Од септември платата за наставниците и стручните соработници ќе биде повисока за 10 отсто, а со тоа и почетната плата на наставник во основното образование ќе изнесува 32.183, моментално изнесува 29.258 денари.

Зависно од стажот на наставниците, односно од степенот на сложеност, останатите плати ќе бидат повисоки.

Исто така, вработените во образовниот сектор за првпат после 24 години ќе го добијат и регресот за годишен одмор кој ќе изнесува 10.000 денари.

Регрес за годишен одмор ќе добијат сите вработени во администрацијата во износ од 10 илјади денари, а од следната година тој ќе изнесува најмалку 30 отсто од просечната плата.

Од Независниот синдикат за образование и наука велат дека единствено решение за вработените во секторот образование е целосно спроведување и имплементирање на постоечките колективни договори во основното и средното образование.

„Во колективните договори за секторот образование во член 34 и 35 е јасно наведен начинот на кој се утврдува платата на вработените во секторот образование. Таа се пресметува со формула најниска плата помножена со коефициент на сложеност за работно место. Во моментов, најниската плата за најнизок степен на сложеност која воедно е пресметковна единица во секторот образование изнесува 17.482 денари во бруто износ или околу 12.000 денари во нето износ и покрај фактот што во моментов минималната плата на државно ниво изнесува 20.175 денари“, велат оттаму.

По одлуката за покачување од 10 отсто на платите во јавниот сектор, од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), побараа да се усогласат платите со минималната плата во државата, а потоа на усогласената плата, да се додадат планираните 10 проценти покачување.

„Ако наставник во основно образование во 2016 година имал нето плата од 20.300 денари, во 2023 година добива 29.250 денари, односно тоа е зголемување е за 44 отсто. Професор во средно образование добивал 21.500 денари, а сега нето платата е зголемена за 42 отсто, односно изнесува 30.400 денари“, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Исто така, Шаќири потенцира и дека во високото образование професорите добиле зголемување на нето платата за речиси 50 отсто, односно од 34.350 денари пред 7 години, сега таа изнесува 51.400 денари. Научните советници во јавните научни установи сега имаат нето плата од 45.000 денари, а во 2016 година таа изнесувала 34.450, што е зголемување за 30 отсто.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author