24.07.2023 Скопје
Речиси 2.500 луѓе се евакуирани како мерка на претпазливост во текот на ноќта на Крф, Грција, каде беснее пожар на северот на грчкиот туристички остров.
Портпаролот на противпожарната служба изјави дека шумскиот пожар на северот на островот доведе до „превентивна евакуација на 2.466 луѓе“ во текот на ноќта, истакнувајќи дека досега не се уништени куќи или хотели. Синоќа беше пријавено дека на островот е прогласена вонредна состојба поради пожарите.
На Родос повеќе од 30.000 луѓе мораа да побегнат од пламените јазици што избувнаа на островот. Неконтролираната катастрофа во источниот дел на островот доведе до евакуација со брод на околу 2.000 луѓе, додека уште 30.000 се засолниле во спортски сали, училишта или конгресни центри за ноќ.
Пламените јазици стигнале до селото Лаерма, гореле куќи и црква, јавуваат грчките медиуми. Од пламените јазици беа оштетени и неколку хотели, а пожарот се прошири и на крајбрежните села Киотари и Генади Лардос. Грчкото Министерство за надворешни работи отвори кризна единица во Атина за да се олесни репатријацијата на странските туристи.
Подготвено од М.Н.