13.07.2023 Скопје
Џем Мадар потпиша двегодишен договор со Фенербахче и вчера го напушти Партизан без обештетување, иако има уште една година договор со црно-белите. Ова не му се допадна на Партизан, кој преку соопштение рече дека не се исполнети точките од договорот со Израелецот, а се повикаа и на агенцијата Бео баскет.
По тој повод зборуваше и првиот човек на агенцијата Бео Баскет, Мишко Ражнатовиќ.
„Апсолутно немав намера да коментирам нешто поврзано со ситуацијата околу Џама Мадара, иако сум мета на груби напади, што е дел од описот на работата во кој сум 28 години. Но, имајќи ги предвид невистините тврдења од последното соопштение на КК Партизан, принуден сум да реагирам пред се како обожавател на сите љубители на кошарката, кои сигурно ги интересира што навистина се случило“, изјави Ражнатовиќ.
Партизан најави тужба доколку не се испочитуваат условите од договорот и не се плати отштета за играчот.
„Фактите се следни: Јас не учествував во изготвувањето на договорот меѓу Мадар и Партизан, ниту во писмената комуникација, ниту имам сознанија дали мејловите завршиле во спам-папки. Мојата работа беше, кога играчот беше информиран од Америка дека е слободен, да преговарам за нов договор. Без сомнение, логичен избор беше да се продолжи со Партизан, имајќи ја предвид поголемата улога во финалето на АБА, и го упатив да разговара со Жељко Обрадовиќ, што и го направи Џем. Дојде од Израел, имаше интервју и реши да остане“, изјави Ражнатовиќ.
„Мадар прифати раскинувањето да биде поништено и да остане според стариот договор, но клубот повеќе не го сакаше тоа и инсистираше договорот да биде продолжен, за по одиграната сезона да добие отштета или од Европа или од НБА. Сосема легитимно“, додаде Ражнатовиќ, а потоа додаде: „По неколку дена убедување, играчот го прифати продолжувањето и побарав од клубот, преку порака во петок, 7 јули во 9:12 часот, зголемување од 75.000 американски долари во првата година. Исто така легитимно и многу скромно и никако двојно повеќе. Добив одговор од клубот во 9:15 часот дека тоа е грубост на Џамо и дека во принцип нема да има зголемување. Во наредните денови имаше многу грда комуникација, имаше и благи закани и немаше враќање назад. Епилогот на приказната е дека Џем Мадар потпиша договор со нов клуб за неспоредливо повисока сума од онаа што беше подготвен да ја плати за да остане во Партизан, доколку имаше повеќе културно однесување и добра волја од страна на клубот“.
Ражнатовиќ дополнително ја разјасни ситуацијата.
„На Партизан му беа понудени две опции: играчот да остане под актуелниот договор без продолжување или да ја зголеми сумата во првата година за 75.000 и да добие продолжување на договорот. Секако, има пишани траги од ова. Доколку некоја од опциите би била прифатена, денес нема да има потреба од пишување најава за испраќање „мејлови до ѓубрето“. Жестоката реакција преку прекин на соработката само дополнително ја покажува клупската свесност за несоодветното водење на преговорите и постапките на човекот кој се занимавал со тоа и направените грешки. Што се однесува до раскинувањето на соработката, секако дека жалам, имајќи предвид дека тоа е еден од најголемите европски клубови, но ако тоа е цената што мора да се плати за да се работи професионално и да се заштитат интересите на играчите, јас сум подготвен за тоа да платам“, заклучи Ражнатовиќ.
Подготвено од А.Ѓ.