07.07.2023 Скопје
Романските власти денеска официјално ќе го отворат висечкиот мост на Дунав, кој ќе стане трет по големина во Европа.
Мостот Браила, кој Романците веќе го нарекоа романска „Голден Гејт“, чинеше 500 милиони евра, а на свеченото отворање ќе присуствува и романскиот претседател Клаус Јоханис.
Мостот Браила е највисоката и најскапата изградба во Романија од 1989 година. Работата на мостот траеше речиси пет години, а официјално започна во 2018 година. Три години подоцна беше завршена изградбата на потпорните столбови високи 192 метри и почна поставувањето на потпорните кабли.
Медиумите во оваа земја се занимаваа и со други детали за мостот, а беше констатирано дека т.н. сидро кабли се со тежина од околу 6.700 тони.
Тие се произведени од јапонска компанија и имаат гаранција од 120 години. Вкупната должина на искористените кабли е 80.000 километри, што е доволно за двапати да се заокружи Земјата.
Со вкупна должина од 1.975 метри, мостот Браила е најдолг во Романија и трет најдолг висечки мост во Европа. Истовремено, овој мост ќе ја поврзува Молдавија со истокот на Романија и според прелиминарните проценки низ него секојдневно ќе поминуваат 5.000 автомобили.
По повод отворањето на мостот, министерот за транспорт Јонел Скриостану зборуваше за деталите од целиот проект.
„Мостот е дизајниран да има работен век од 120 години. Ќе има центар за мониторинг и контрола кој трајно ќе ја снима состојбата на мостот. На важни точки на мостот се инсталирани преку 50 сензори. Со цел да се обезбеди издржливост и висока антикорозивна заштита, воздухот на мостот ќе биде сув, а релативната влажност ќе се одржува под 40 проценти“, објасни министерот.
Исто така, она што е интересно, Романците нема да плаќаат патарина при преминувањето на овој мост првите пет години.
За изградбата на овој мост се потрошени 52.360 тони челик и 297.000 тони бетон. Кога станува збор за цената на проектот, изградбата на висечкиот мост се проценува на 485 милиони евра, во кои е вклучено проектирањето и изградбата на мостот.
Мостот Браилу ќе има четири ленти, ленти за итни случаи како и пешачки и велосипедски патеки. Од двете страни на мостот беа изградени два пристапни вијадукти долги 110 метри.
🌁 The Brăila bridge over the Danube opens for circulation️!
The largest bridge in Romania 🇷🇴 and the third largest bridge in the EU received one of the biggest contributions from the #CohesionPolicy funds: €363 million.https://t.co/oWcBW95eou pic.twitter.com/suQtBkMvJK
— EUinmyRegion🇪🇺 (@EUinmyRegion) July 6, 2023
Подготвено од А.Ѓ.