18.07.2023 Скопје
Светската програма за храна (WFP) нема да може да нахрани 100.000 Хаиќани кои имаат потреба овој месец, бидејќи агенцијата на Обединетите нации нема доволно средства за да ги задоволи растечките хуманитарни потреби во оваа карипска земја.
WFP објави дека Хаиќаните, кои се борат со тешка неухранетост, ќе мора да издржат недостаток на храна и финансиска поддршка во услови на најголемата криза со глад во земјата.
Зголемената инфлација значи дека цената на храната е зголемена, додека бројот на оние кои имаат потреба исто така е зголемен, а сето тоа ги зголемува трошоците за испорака на помош.
Во исто време, бројот на донации е намален, што значи дека многумина на кои им е многу потребна, нема да добијат помош.
Бруталното насилство на бандите цвета на Хаити откако претседателот Јовнел Моиз беше убиен во јули 2021 година, а кризата беше влошена со земјотресите и огромните поплави што ја погодија земјата минатиот месец.
На Хаити, повеќе од половина од 11-милионското население се соочува со редовен глад, а цената на храната се зголеми во последните месеци бидејќи бандите почнаа да ја преземаат контролата врз руралните области каде што се произведува храна.
Подготвено од А.Ѓ.