26.07.2023 Скопје
Обединетите нации во најновиот извештај препорачуваат да се забранат паметните телефони во училиштата, за поефикасно и поефективно учење со што ќе се заштитат децата од сајбер малтретирање.
УНЕСКО тврди дека прекумерното користење на мобилните телефони е поврзано со намален образовен успех и негативно влијание на менталното здравје.
Барањето за забрана на паметни телефони треба да испрати порака дека технологијата, вклучително и вештачката интелигенција, секогаш треба да биде подложна на „човечко-центрирана визија“ за образование и никогаш не треба ја заменува личната интеракцијата со наставниците.
Учењето се повеќе се движи на интернет, особено на универзитетите, и во извештајот Обединетите нации повикуваат креаторите на политиките да не ја занемаруваат „социјалната димензија“ на образованието каде што студентите учат во предавални.
УНЕСКО во извештајот вели дека земјите треба да имаат јасни цели и принципи за да се осигураат дека дигиталната технологија во образованието е корисна и намалува штета на здравјето на ученици.
Иако технологијата потенцијално може да овозможи можности за учење за милиони луѓе, придобивките се нееднакво распространети бидејќи многу посиромашни луѓе низ светот се изоставени. Дигиталната образовна инфраструктура е скапа, а нејзините еколошки штети често се потценети.
Од Обединетите нации истакнуваат дека има малку истражувања за да се докаже вредноста што ја додава технологијата во образованието и дека голем дел од од истражувањата се финансирани од приватни образовни компании, кои се обидуваа да продаваат технолошки производи. Ваквите истражувања ги сметаат за загрижувачки поради влијанијата во образовните системи.
Врз основа на анализа на 200 образовни системи ширум светот, УНЕСКО проценува дека една од шест земји ги забранува смарт телефоните на училиште, или преку закон или ограничувања како Франција, која ја воведе политиката во 2018 година, и Холандија, која ќе донесе ограничувања од 2024 година.
Подготвено од А.Ѓ.