spasuvachka akcija

20.07.2023 Скопје

Спасувачите синоќа успеаја да стигнат до колибата и да им достават храна и лекови на заробените, за полесно да ја поминат ноќта. Околу 90 планинари останаа заробени во колиба во Крма, долина во Националниот парк Триглав. Меѓу нив има слепи и делумно слепи лица.

За време на невремето голем број дрвја паднаа на патот кој сега е непрооден.

Планинското спасувачко друштво на Словенија на Фејсбук објави фотографии од своите луѓе кои се обидуваат да се пробијат до заробениците. Командантот на цивилната заштита Сречко Шестан ги критикуваше организаторите на патувањето.

„Укажувам на неодговорноста на тие што го организираат ова, со ваква временска прогноза тие луѓе ги однесоа во Триглав“, рече тој.

Тој се надева дека денеска во текот на претпладнето ќе успеат да ги спасат планинарите.

Невремето кое вчера најпрвин ја зафати Словенија, па Хрватска и Србија, предизвика големи штети во Радовнската долина и нејзината околина, па затворен е патот што води од Згорња Радовна кон долините Крма и Кота. Според командирот на ПГД Мојстрано, екипите на терен ги отстрануваат последиците од невремето, а споменатиот пат е единствениот начин да се спасат затрупаните планинари.

За потсетување, за време на невремето жртви имаше и во Словенија и Хрватска.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author