12.07.2023 Скопје
Во изјавата усвоена од Алијансата на самитот во Вилнус се наведува дека околностите во кои НАТО можеби ќе треба да користи нуклеарно оружје се „исклучително далечни“.
„Целта на НАТО е побезбеден свет за сите, ние се стремиме да создадеме безбедносно опкружување за свет без нуклеарно оружје. Околностите во кои НАТО можеби ќе треба да користи нуклеарно оружје се крајно далечни. Секоја употреба на нуклеарно оружје против НАТО суштински би го променила природата на конфликтот“, се наведува во соопштението.
НАТО, исто така, рече дека презема чекори за да ја обезбеди безбедноста на својата мисија за нуклеарно одвраќање, која вклучува мерки за „модернизација на нуклеарните капацитети на НАТО и ажурирање на планирањето за зголемување на флексибилноста и приспособливоста на нуклеарните сили на Алијансата“.
„Според тоа, ќе ги зајакнеме обуките и вежбите кои симулираат конвенционална и нуклеарна димензија на криза или конфликт, овозможувајќи поголема кохерентност помеѓу конвенционалните и нуклеарните компоненти на одвраќањето и одбраната на НАТО во сите домени и целиот спектар на конфликти“, се вели во соопштението.
Подготвено од А.Ѓ.