03.07.2023 Скопје
Организацијата за исламска соработка (ОИК) денеска соопшти дека е неопходно да се преземат колективни мерки за да се спречи натамошното сквернавење на Куранот и дека меѓународното право треба да се користи за да се запре верската омраза.
ОИК, која има 57 земји-членки, реагираше откако неодамна беше запален Куран за време на протестите во Шведска.
Соопштението беше објавено по вонредниот состанок во саудискиот град Џеда.
„Мораме постојано да ја потсетуваме меѓународната заедница за итната примена на меѓународното право, кое јасно ќе го забрани застапувањето на верска омраза“, нагласи генералниот секретар на ОИК, Хисеин Брахим Таха.
Ирачанецот Салван Момика, кој пребегна во Шведска пред неколку години, газеше Куран пред да запали неколку страници пред најголемата џамија во Стокхолм во услови на силно полициско обезбедување.
Стокхолмската полиција му даде дозвола да протестира под заштита на слободата на говорот, но подоцна беше објавено дека против него е покрената истрага поради „агитација“.
Инцидентот се случил во време кога муслиманите ширум светот го славеа Рамазан Бајрам.
Подготвено од А.Ѓ.