pozhari rodos

24.07.2023 Скопје

Пожарот што веќе седум дена беснее на грчкиот остров Родос денеска ја проби одбранбената линија што ја воспоставија пожарникарите, поради што е организирана дополнителна евакуација.

Дополнителни евакуации беа наредени во јужниот дел на Родос, откако 19.000 луѓе, главно туристи, беа евакуирани со автобуси и бродови во текот на викендот, бидејќи пожарот стигна до брегот.

„Ние сме во војна и целосно сме фокусирани на пожарите. Во наредните денови и недели мора да бидеме крајно внимателни“, истакна премиерот Киријакос Мицотакис во своето обраќање пред пратениците во парламентот.

Во Грција продолжува да пристигнува помош од ЕУ и други земји, а во напорите на Родос се приклучија и специјализирани авиони за гаснење пожари, каде веќе се распоредени 10 Канаѓани и исто толку хеликоптери.

Портпаролот на противпожарната служба Василис Ватракојанис изјави дека денеска постои многу висок ризик од избувнување на пожари во повеќе области во Грција. Во некои делови на Грција денеска е измерена температура од 45 степени Целзиусови.

Во текот на ноќта евакуација е извршена и од островот Крф на западот на Грција, каде на безбедно се префрлени повеќе од 2.000 луѓе, меѓу кои и туристи. Слична е ситуацијата и на островот Евија.

Започнати се истраги за причините за пожарите бидејќи во изминатите 12 дена во просек се регистрирани по 50 шумски пожари. Само вчера се регистрирани 64 нови пожари.

Официјални лица од грчкото Министерство за надворешни работи работат на меѓународниот аеродром со службеници од неколку амбасади и дипломати кои пристигнуваат од Британија за да им помогнат на туристите кои ги изгубиле патните исправи.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author