12.07.2023 Скопје
Владата на Република Северна Македонија соопшти дека од утре до 16 јули ќе важат повеќе препораки за заштита на здравјето на граѓаните поради високите температури кои се очекуваат.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека од 13 јули, сите региони во државата: Скопскиот, Осоговско-Малешевскиот, Пелагонискиот и Охридско-Преспанскиот ќе влезат во портокалова фаза.
Препораки на Владата се:
– Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години;
– Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
– Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
– Владата препорачува приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
– Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници.
Министерството за здравство истакна дека граѓаните не треба да се изложуваат директно на сонце од 10 до 15 часот, да носат лесна облека, капа или шешир, како и крема со заштитен фактор.
Подготвено од А.Ѓ.