kukl 123

13.07.2023 Скопје

Новата дигитална едукативна платформа „Кукл“ е пуштена во употреба од страна на компанијата „КТ Филм и Медиа“ од Битола со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој.

„Кукл“ е мултидисциплинарна едукативна платформа со онлајн курсеви за креативни и љубопитни луѓе, на теми како филм, фотографија, пишување, маркетинг, која вклучува алатки и туторијали за едукација како и високо-квалификувани едукатори, вклучително и универзитетски професори.

На платформата моментално се присутни девет курсеви и тоа:

  • Основи на програмирање;
  • Основи на стоп-анимација;
  • Основи на кинематографија;
  • Основи на монтажа;
  • Основи на филмска режија;
  • Основи на дизајн на звук;
  • Нови форми на креативно пишување;
  • Основи на фотографија;
  • Социјални медиуми и нивно менаџирање.

Станува збор за видео туторијали, кои може самостојно да се купат, но и дополнително во комбинација со интерактивни задачи и скрипти преку кои курсистите можат да го поминуваат материјалот и приватни консултации со обучувачите и демонстраторите. Платформата нуди и можност за креирање на работно портфолио со завршените задачи, кое служи како CV за нивните знаења и способности.

Од КТ Филм и Медиа велат дека потребите за вештини и знаења постојано се менуваат, посебно во креативните индустрии, кои заземаат голем замав во денешницата. Па така, образованието треба да го следи трендот за дигитализација. Додека ЕУ продолжува да напредува во зелените и дигиталните иновации, потребна е квалификувана работна сила за поддршка на трансформацијата и растот на Европа. Потребно е поголемо инвестирање во професионално образование и усовршување, како и подобра соработка со компаниите. Токму затоа, Европската комисија ја прогласи 2023 за Европска година на вештини.

Според КТ Филм и Медиа, целта на „Кукл“ е да ја пополни празнината во образованието во креативните и културните индустрии каде што има акцент на употребата на новите дигитални технологии и истовремено, да промовира кадар со специфични вештини во различни индустриски гранки.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author