28.07.2023 Скопје
Официјални лица соопштија дека птичјиот грип уби илјадници галеби и други видови, го загрози добитокот и доведе до ограничувања на патувањата во некои области.
Птичјиот грип циркулира во Европа во последните неколку години, па во мај и јуни доведе до угинување на милиони птици на француските фарми и го наруши снабдувањето со месо и јајца.
Официјални лица во арктичкиот град Вадсо, кој е дел од норвешката област Финмарк, соопштија дека пронашле повеќе од 10.000 мртви птици во областа, а норвешката агенција за безбедност на храна вчера воведе забрана за патување во три природни резервати.
„Епидемиите што ги гледаме на различни места во Финмарк оваа година се многу поголеми отколку што сме виделе претходно во Норвешка“, рече Оле-Херман Тронеруд, главен ветеринарен службеник во Норвешката агенција за безбедност на храна.
Видот H5N1 на вирусот со години се шири меѓу живината и дивите птици, но повремено се регистрирани инфекции кај цицачи како мачки, куни и видри.
Соседна Финска, исто така, објави дека дивите птици се сериозно погодени и дека вирусот Х5Н1 досега е пронајден во 20 фарми за крзно, додека претходно оваа недела имаше 12.
„Потврдено е дека патогената варијанта циркулира особено меѓу галебите“, објави финското Министерство за социјални работи и здравство во соопштението во средата.
Три агенции на Обединетите нации предупредија овој месец дека глобалните епидемии предизвикаа загриженост дека вирусот може полесно да се прилагоди и да прескокне кај луѓето, повикувајќи ги земјите да го зајакнат надзорот на болестите и да ги подобрат хигиенските услови на живинарските фарми.
Светската здравствена организација соопшти дека ризикот за луѓето од Х5Н1 останува низок, но додаде дека извештаите за инфекции кај цицачите треба внимателно да се следат.
Подготвено од А.Ѓ.